Иран ги обвини Израел и Западот за предизвикување граѓанска војна во земјата

Иран во четвртокот ги обвини својот смртен непријател Израел и западните разузнавачки служби дека коваат заговор за предизвикување граѓанска војна во Исламската Република, којашто се соочува со најголемите протести против власта од 1979 година но и со вооружени напади врз иранските безбедносни служби.

„Разните безбедносни служи, Израел и западни политичари кои испланирале граѓанска војна, деструкција и дезинтеграција на Иран треба да знаат дека Иран не е Либија или Судан“, објави на Twitter министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан.

Техеран го обвини Западот за разгорување смртоносни безредија ширум земјата започнати во провинциите каде што главно живее сунитското и курдското малцинство на кои им се придружија претежно студенти во многу градови, по смртта на 22-годишната Курдка Махса Амини на 16-ти септември.

Амини почина во полициски притвор откако милицијата за заштита на јавниот морал, бидејќи не го почитувала прописот за покривање на косата. Демонстрантите ја раширија веста на социјалните мрежи дека девојката починала од удари на полицијата, додека официјалните власти во Техеран тврдат дека починала од последици на заболувања од кои претходно патела.

Иран во средата беше погоден со низа вооружени терористички напади. Најмалку седум лица се убиени во југозападниот град Изе во провинцијата Хузестан, кога неидентификувани напаѓачи од автоматски пушки пукале на локалниот пазар, кога се убиени четири припадници на безбедносните служби, а ранети се уште шест лица.

Во одвоен напад, вооружени напаѓачи на мотоцикли пукале во неколку припадници на безбедносните сили во централниот град Исфахан, усмртувајќи две лица и ранувајќи уште осум, пренесоа иранските медиуми.

Ниедна група досега не ја презема одговорноста за нападите, за кои државните медиуми наведуваат дека се изведени од страна на организаторите на протестите.

Западот смртта на Махса Амини и протестите кои следеа ги искористи за жестоки осуди на иранските клерикални челници, за што Техеран кој се обидува да ги задуши протестите во кој се убиени неколку стотици демонстранти и повеќе десетици припадници на безбедносните сили ги обвинува надворешните непријатели и нивните локални агенти.