Иран ги обвинува САД дека го одложуваат заживувањето на нуклеарниот договор

Иран во понеделникот ги обвини САД дека одолговлекуваат со постигнувањето спогодба за заживување на нуклеарниот договор постигната меѓу Техеран и шест светски сили во 2015 година, додавајќи дека размената на затвореници со Вашингтон не е поврзана со преговорите.

По 16-те месеци повремени индиректни иранско-американски преговори преку функционери на Европската унија, од Брисел велат дека ЕУ дала конечна понуда и дека очекува одговор во рок од неколку седмици.

Иран минатата седмица одговори дека текстот на ЕУ со „дополнителни ставови и разгледувања“, истовремено повикувајќи ги САД да покажат флексибилност во решавањето на трите преостанати прашања.

Шефот на ЕУ-дипломатијата, Жозеп Борељ изјави во понеделникот дека се надева оти САД уште оваа седмица позитивно ќе одговорат на предлогот на Унијата. Техеран на тоа дал „разумен“ одговор, додаде.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Насер Канани изјави дека Техеран сака одржлив договор кој би ги зачувал легитимните права на Иран,

„Американците одолговлекуваат, а европските актери не дејствуваат… На Америка и на Европа договорот им е попотребен отколку на Иран. Додека не се договориме за сите прашања, не можеме да кажеме дека сме постигнале целосен договор“, изјави Канани на прес-конференција.

САД повеќапати ги повикуваа Иран да ослободи неколку Американци од иранско потекло кои се затворени под обвиненија за шпионажа. Иран, пак, побара ослободување на неколку Иранци кои се уапсени под обвинувања дека се поврзани со кршење на американските санкции.

„Истакнуваме дека размената на затворениците со Вашингтон е посебно прашање и нема никаква поврзаност со процесот на преговори за заживување на договорот од 2015-та година“, порача Канани додавајќи дека Техеран е подготвен на размена на затворениците.

Се чинеше дека договорот од 2015 година е речиси заживеан во мар по 11 месеци индиректни преговори меѓу Иран и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден водени и Виена. Меѓутоа, разговорите беа прекината откако Техеран бараше Вашингтон да даде гаранции дека ниеден претседател на САД нема да се откаже од договорот како што беше сторено претходно. Од Вашингтон одговорија дека Бајден не може да даде тавки цврсти гаранции, бидејќи не станува збор за правно обврзувачки договор.

Според Заедничкиот сеопфатен акциски план (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA, потпишан во ноември 2015 година во Виена, Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма за којашто сѐ уште тврди дека нема воени туку енергетски и научни цели, во замена за укинувањето на децениските меѓународни санкции.

Според овој текст кој го договорија Иран и шесте големи сили, од кои пет постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, Техеран се согласи да ја замрзне својата нуклеарна програма на збогатување ураниум и затворање на центрифугите за тоа до високо ниво од кое лесно може да се дојде до нуклеарна бомба до 2025 година. За возврат беа укинати дел од децениските меѓународни санкции против Иран.

САД еднострано се повлекоа од иранскиот договор во мај 2018 година и го вратија децениските санкции против Иран, барајќи нов договор во кој ќе биде опфатена и иранската ракетна програма. Потоа Техеран, откако европските потписнички на договорот – Велика Британија, Германија и Франција не можеа да гарантираат заштита од американските санкции на иранската економија и ги повлекоа своите големи инвестиции од земјата, започна со постепено суспендирање на одредени свои обврски од договорот. Во прв ред тоа се однесување на нивото и количеството на збогатениот ураниум, што ги предизвика стравувањата дека Иран многу набрзо може да дојде до нивото од кое е лесно да се произведе никлеарно оружје.