![iranski raketi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/10/iranski-raketi.jpg?resize=650%2C366&ssl=1)
Иранското Министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека повиците на Франција, Германија и Велика Британија за воздржаност кон Израел „немаат политичка логика и се во спротивност со принципите на меѓународното право“.
Три европски земји го повикаа Иран и неговите сојузници во понеделникот да се воздржат од одмазднички напад на Израел по убиството на Исмаил Ханије, политичкиот лидер и главен преговарал на палестинското движење Хамас, во Техеран минатиот месец.
Иран и неговиот сојузник либанското шиитско движење Хезболах, како и палестинското сунитско вижење Хамас кое за разлика од порано доби поддршка од Техеран во неговата најнова војна со Израел, го обвинија Израел за прекиграничните атентатит. Израелската влада не ја презеде одговорноста, но во светските престолнини вкоренето е мислењето дека еврејската држава стои зад овие ликвидации.
„Без никаков приговор за злосторствата на ционистичкиот режим (Израел), од Иран дрско се бара да не реагира на нарушувањето на неговиот суверенитет и територијален интегритет“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Канани рече и дека Техеран е решен да му одговори на Израел и ги повика Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и военото подбуцнување на Израел“.
Претходно во понеделникот вечерта американскиот претседател Џо Бајден и челниците на Велика Британија, Франција, Германија и Италија во заедничка изјава го повикаа Иран да ја повлече заканата со одмазднички напад врз Израел..
Во атмосферата на растечките тензии на Блискиот исток разгорени од најновата израелско-палестинска војна започната ланскиот октомври, американскиот претседател и неговите европски сојузници разговарале за „сериозните последици од можниот напад по регионалната безбедност“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
„Го повикавме Иран да ги повлече своите закани со воен напад врз Израел и разговаравме за сериозните последици за регионалната безбедност доколку дојде до таков напад“, изјавиле соговорниците по конференцискиот телефонски разговор, изразувајќи поддршка за „израелската одбрана од Иран и неговите сојузници“.
Челниците на петте западни земји во заедничката изјава наведуваат и дека го поддржуваат повикот на САД, Катар и Египет за обновување на преговорите за прекин на огнот во Газа подоцна оваа седмица со цел да се склучи договор што е можно поскоро. Истакнуваат дека „повеќе нема време за губење“.
Но претходно во неделата, палестински Хамас побара трите земји посредници да го претстават планот заснован на претходните разговори наместо да започнуваат нови преговори за договорот за прекин на огнот со Израел во Појасот Газа.
Минатата седмица функционери од Египет, Катар и САД ги повикаа претставниците на Израел и на Хамас на преговори за да се договори прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници кои во енклавата ги држат палестинските милитанти, а кои би се одржале на 15-ти август во египетската престолнина Каиро или во катарската Доха. Израелската влада соопшти дека ќе испрати свои преговарачи на состанокот. Хамас, од своја страна прво објави дека ја разгледува поканата, но сега навестува дека би можел да изостане од новата рунда преговори.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно во понеделникот процени дека Иран оваа седмица би можел да изведе серија големи напади врз Израел. Призна дека во случај на напад „тоа дефинитивно би можело а влијае врз преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, кој би бил следен и со ослободување на израелските заложници. Преговорите се предвиден за четврток, прецизираше Кирби.
Бидејќи Иран се заканува со одмазда поради убиството на политичкиот лидер и главен дипломатски преговарач на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран, на што се надоврза и заканата од палестинските милитантни фракции, како и од иранскиот сојузник во Либан шиитското движење Хезболах, чиј командант беше Фадл Шукр беше убиен во израелски напад во Бејрут, САД го зголемија своето воено присуство на Блискиот исток за да помогнат во одбрана на Израел од можен напад од страна на Иран и неговите регионални сојузници.