Иран ги отфрли тврдењата на САД дека нападнал танкер во близина на Индија

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во понеделникот ги отфрли како „неосновани“ тврдењата на САД дека Иран нападнал товарен брод во близина на Индија.

Пентагон во саботата соопшти дека наводно беспилотно летало лансирано од Иран погодило танкер за хемикалии во Индискиот Океан.

„Моторниот брод CHEM PLUTO, хемиски танкер кој плови под знамето на Либерија, во сопственост на Јапонија и Холандија, беше погоден од офанзивно беспилотно летало истрелано од Иран денеска околу 10 часот по локално време во Индискиот Океан, на 200 наутички милји од брегот на Индија“, изјави во саботата портпаролот на Пентагон.

Во соопштението на Пентагон се вели дека нападот е „седми ирански напад врз трговски бродови од 2021 година“. Во последниот напад немало жртви, а краткотрајниот пожар на танкерот бил изгаснат, се додава.

Според поморската безбедносна компанија „Ambrey“, бродот е „поврзан со Израел“ и пловел меѓу Саудиска Арабија и Индија, а весникот The Wall Street Journal тврди дека холандската компанија која управува со бродот „MV Chem Pluto“ е поврзана со израелската бродска компанија „Idan Ofer“.

Во ноември, напад со беспилотно летало во Индискиот Океан оштети и израелски товарен брод, за што Вашингтон повторно без да приложи докази го обвини и Иран.

Во саботата, функционерот на Иранската револуционерна гарда Мохамад Реза Накди предупреди дека другите водни патишта ќе станат непроодни доколку продолжи војната меѓу Израел и Хамас.

„Со продолжувањето на злосторствата, Америка и нејзините сојузници мора да очекуваат раѓање на нови сили на отпорот и затворање на водните патишта“, рече Накди цитиран од иранската новинска агенција Tasnim.

„Наскоро ќе мора да очекуваат затворање на Средоземното Море, Гибралтар и другите водни патишта“, предупреди тој.