Иран го повика во средата амбасадорот на Данска во Техеран, ден откако официјален Копенхаген на иранскиот амбасадор му соопштил дека примил информации дека иранската разузнавачка служба планира напад кој ќе биде изведен на данска територија.
„Данскиот амбасадор стаса претпладнето во иранското министерство за надворешни работи. Во разговорот (ирански) функционер решително ги негираше искривените извештаи за планираниот напад на противниците на иранската влада во Данска“, изјави портпаролот на иранското министерство Бахрам Гасеми.
Додаде дека иранскиот функционер го предупредил официјален Копенхаген да „не презема контроверзни и избрзани акции“.
Данска во вторникот го повика на косултациите својот амбасадор во Иран откако полицијата малку претходно го обвини Техеран за планирање напад врз ирански имигранти во Данска. Официјален Копенхаген ги смета многу сериозно информациите дека иранската разузнавачка служба планирала напад во Данска, а целта наводно бил водачот на данското претставништво на сунитската радикална организација Арапско борбено движење за ослободување на Ахваз (ASMLA).
Агенцијата AFP пренесува дека властите во Копенхаген во средата започнале со европските партнери да разговараат за можно воведување санкции за Иран поради наводното планирање напад во Данска.
Меѓутоа, данскиот премиер рече дека неговата земја го поддржува меѓународниот договор за иранската нуклеарна праограма од 2015 година. „Сакаме зачувување на договорот за нуклеарната програма“, рече премиерот Ларс Локе Расмусен. Но додаде дека Техеран мора да знае дека овој договор „не е бланко чек“ за прикривање на активностите за кои „сме сведоци“.
На микроблогот Twitter американскиот државен секретар Мајк Помпео во вторникот и’ честиташе на Данска, членка на НАТО, на апсењето на „убијците на иранскиот режим“.
Најмалку еден припадник на иранската разузнавачка служба е наводно уапсен на 21-ви октомври. Обвинет е под сомнение дека планиран атентат врз тројца припаднции на ASMLA.
Ахваз е главен град на Хузестан, во кој живеат сунитски Арапи кои се во големо малцинство во доминантно шиитскиот Иран, и каде што повеќе од половината на населението се Персијци, а Арапите во Ахваз, пак, бараат независност и автономија и имаат нескриена поддршка од сунитските арапски земји од Блискиот исток и нивните западни сојузници.
Кон крајот на септември Иран ги обвини Данска, Холандија и Велика Британија дека „прижаат засолништа на поедини припадници на терористичка група“, одговорна за нападот на воена парада на 22-ри септември во Ахваз кога беа убиени 25 луѓе, од кои 12 припаднции на Револуционерната гарда.