Иран и Русија ги поврзаа платните системи

Иран и Русија од понеделникот ги поврзаа платните системи Шетаб и Мир, подготвувајќи го теренот за прекугранични плаќања со картички, објавија иранските и руските медиуми.

Поради руската инвазија на Украина, Западот исклучи бројни руски банки од меѓународниот систем SWIFT. И Иран со години е под западни санкции и нема пристап до мрежата на картички гиганти Mastercard и Visa.

Русија и Иран сега соработуваат во групата БРИКС, која на крајот на октомври на самитот во руски Казан, начелно го прифати предлогот на руското претседателство за воспоставување инфраструктура за меѓународни плаќања, со фокус на националните валути и важна улога на централните банки во прекуграничните трансакции со цел да се заштити платежниот промет од надворешно влијание.

Во меѓувреме, руската и иранската централна банка ја завршија првата фаза од интеграцијата на платните системи Шетаб и Мир, објави во понеделникот на социјалната мрежа Х, Мостафа Гамари Вафа, шеф на Одделот за односи со јавноста на Централната банка на Иран, според во извештајот на руската новинска агенција ТАСС.

Граѓаните на Исламската Република сега можат да користат картички на системот Шетаб за подигање готовина во рубљи на територијата на Русија, објасни ирански функционер.

Рускиот платен систем Мир беше официјално поврзан со ирански Шетаб на церемонија во Техеран, објави иранската новинска агенција Tasnim.

Завршувањето на првата фаза од интеграцијата беше означено во Техеран со официјална церемонија на која присуствуваа гувернерот на иранската централна банка, Мохамад Реза Фарзин, и иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали.

„Со спроведувањето на овој проект, правиме голем чекор во насока на дедоларизација и олеснување на плаќањата меѓу Исламската Република Иран и Русија“, рече иранскиот гувернер.

Проектот е поделен во три фази, рече Фарзин, додавајќи дека на крајот од втората фаза, руските туристи ќе можат да подигнат готовина од банкоматите во Иран со помош на Мир картичките.

На крајот од третата фаза, иранските граѓани ќе можат да ги користат картичките Шетаб за да плаќаат за стоки и услуги во Русија, јавува руската новинска агенција Интерфакс.

Планот за поврзување на иранскиот и рускиот платен систем беше објавен во мај 2022 година од страна на рускиот вицепремиер Александар Новак, забележува Интерфакс.