Иран во понеделникот објави дека има „законско право“ да го казни својот заколнат непријател Израел, за атентатот што му го припишува врз политичкиот претствник на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханија во иранката престолнина Техеран.
„Ние веруваме дека нашето право да ја браниме сопствената национална безбедност, суверенитет и територијален интегритет е неспорно“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канаaни на редовната седмична прес-конференција во понеделникот.
Иран и палестинското исламистичко движење Хамас го обвинуваат Израел за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија во средата во Техеран каде присуствуваше на инаугурацијата на иранскиот претседател, што Израел не го коментираше.
Неговата смрт дојде неколку часа по друг напад за кој Израел ја презеде одговорноста, во предградие на либанската престолнина Бејрут, во која покрај шест цивили, од кои две девојченца, беше убиени и еден од командантите на либанското шиитско движење Хезболах, Фуад Шукр.
„Законско право на Иран е да го казни Израел“, рече Канaани.
Расте загриженоста за можна воена ескалација на Блискиот исток, особено по сѐ почестите закани против Израел од страна на Иран и неговите сојузници во регионот, особено зачестени последните денови.
„Доколку регионалните влади и меѓународната заедница ја исполнија својата законска должност и вршеа притисок врз ционистичкиот режим, веројатно немаше да бидеме сведоци на такви немири и ескалација на ризикот од конфликт во регионот“, рече портпаролот на иранската дипломатија.
Израелската влада вели дека земјата има „многу високо ниво на подготвеност за секое сценарио – и одбранбено и офанзивно“. САД, кои се главниот воен и политички сојузник на Израел, најавија зголемено воено присуство на Блискиот исток, особено за „зголемување на поддршката за одбраната на Израел“.