Иран може да направи атомска бомба, но нема да го стори тоа, изјави Еслами

Иран има технички капацитети да направи атомска бомба, но нема намера да направи такво нешто, изјави денеска шефот на иранската Агенција за атомска енергија, Мохамед Еслами.

Како што пренесе иранската полуофицијална агенција Фарс, Еслами на овој начин всушност ги повтори неодамнешните коментари на Камал Харази, висок советник на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.

Британските медиуми пренесуваат дека Иран веќе збогатува ураниум до ниво од 60 отсто чистота, што е далеку над претходно поставената граница од 3,67 отсто, предвидена со иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со светските сили.

За да се создаде нуклеарна бомба е потребно ураниумот да биде збогатен до 90 отсто чистота.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година униларетално ги повлече САД од нуклеарниот договор и веднаш ги врати санкциите кон Иран

Водечкиот ирански нуклеарен преговарач Али Багери Кани вчера изјави дека неговата земја сака што е можно поскоро да завршат преговорите за реактивирање на нуклеарниот договор меѓу Техеран и големите светски сили од 2015 година.