Иран направи голема грешка и ќе плати за тоа, порача Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доцна ноќта во вторникот изјави дека нападот на Иран врз неговата земја не успеал и вети дека ќе возврати

Иран во вторникот вечерта истрела стотици балистички ракети кон Израел како одмазда за израелската копнена кампања против сојузниците на Техеран, шиитското движење Хезболах во Либан.

„Иран направи голема грешка вечерва – и тие ќе платат за тоа. Режимот во Иран не ја разбира нашата решеност да се браниме и нашата решеност да возвратиме на нашите непријатели“, рече Нетанјаху на почетокот на политичко-безбедносната средба.

Портпаролот на израелската армија контраадмиралот Даниел Хагари рече дека Израел ќе избере како и кога да одговори на вечерашниот ирански напад.

Хагари рекол дека има „мал број погодоци“ од 180 балистички проектили истрелани кон Израел, објави Times of Israel. „Повеќето од ракетите беа пресретнати од Израел и одбранбената коалиција предводена од САД“, посочил израелскиот воен портпарол без да изнесе конкретни податоци.

Од друга страна, иранската Револуционерна гарда соопшти дека 90 отсто од ракетите што Иран ги лансирал кон Израел успешно ги погодиле зададените цели.

Иранските вооружени сили соопштија дека ќе ги таргетираат „базите и интересите“ на поддржувачите на Израел во регионот, доколку тие директно интервенираат против одмазничката реакција наТехеран, додавајќи дека секој одговор на Израел на неговиот ракетен напад ќе биде дочекан со „големо уништување“ на израелската инфраструктура.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во тек се разговори меѓу американските и израелските претставници за тоа како треба да изгледа израелскиот одговор на ракетниот напад од Иран.

Бајден повтори дека Вашингтон „целосно го поддржува“ Израел по иранскиот напад и ги повика сите народи во светот да им се придружат во осудата на иранскиот напад.