Иран нема да распореди свои борци во Либан и Газа за да се соочи со својот најголем непријател Израел, соопшти во понеделникот иранското Министерство за надворешни работи, додека Израел продолжува да ги напаѓа групите поддржани од Техеран во регионот.
„Владите на Либан и Палестина имаат доволен капацитет и сила да се соочат со агресијата на ционистичкиот режим (Израел) и нема потреба од распоредување помошни или доброволечки ирански сили“, рече портпаролот на министерството Насер Канани на неделната прес-конференција.
Последните денови Израел изврши неколку напади против шиитските движења поддржани од Иран, вклучително и моќниот Хезболах во Либан и јеменските Хутисти.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, беше убиен во петокот во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење вооружувано и финансирано од Исламската Република Иран.
„Не сме добиле никакви барања и знаеме дека не им е потребна помош од нашите сили“, рече Канани во понеделникот.
Во нападот извршен во петокот врз лидерот на Хезболах во неговото упориште во јужните предградија на Бејрут, бил убиен и бригадниот генерал Абас Нилфорушан, заменик за операции на шефот на Револуционерната гарда, идеолошката армија на Исламската Република.
„Узурпаторскиот ционистички режим нема да остане неказнет за злосторствата што ги направи против иранскиот народ, против силите на отпорот, иранските граѓани и војници“, рече Канани.
Во понеделникот, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја посети канцеларијата на Хезболах во Техеран „за да му оддаде почит на Хасан Насрала таму“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на владата.
Врховниот лидер на Исламската Република, Али Хамнеи, рече дека загубата на Насрала „нема да биде залудна“, а првиот потпретседател Мохамад Реза Ареф предупреди дека тоа ќе резултира со „уништување“ на Израел.