Иран: Обвинувањата на Нетанјаху се „детски и смешни“, подготвени сме за сите сценарија

Иран во понеделникот одговори дека израелските тврдења за иранската нуклеарна програма се „инфантилни и смешни“, насочени да влијаат врз одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп која треба да ја донесе на 12-ти мај, извести агенцијата Tasnim откако израелскиот премиер Бенјамин Нтанјаху во телевизиско обраќање тврдеше дека Техеран никогаш не ја прекинал својата програма да дојде до атомско оружје.

„Претставата на Нетанјаху беше детска и смешна игра… Планирано шоу во пресрет на рокот 12-ти мај да влијае врз одлуката на Трамп за иранскиот нуклеарен договор“, изјавил помошникот на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи. Додал дека оваа претстава била повторување на поранешните говори на израелскиот премиер за истата тема.

Американскиот претседател Доналд Трамп, на 12-ти мај треба да донесе одлука дали ќе ги обнови американските економски санкции за Иран, што би претставувало голем удар за договорот меѓу оваа земја и шесте светски сили од 2015 година. Техеран, имено, предупреди дека во случај САД да излезат од нуклеарниот договор нема ништо да го спречува да продолжи со својата програма на збогатување на ураниумот на високо ниво.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот претстави документ за коишто тврди дека се докази дека Иран продолжил да собира знаења за нуклеарната технологија и по потпишувањето на договорот со шесте светски сили од 2015 година со кој се ограничува иранската нуклеарна програма и е постојано инспектирана, и ги повика САД да го отфрлат договорот.

„Иранските челници постојано негираат дека некогаш настојувале да дојдат до нуклеарно оружје. Вечерва сум тука да ви кажам една работа: Иран лажеше. Прво, Иран лажел дека никогаш немал програма за производство на нуклеарно оружје, 100.000 документи докажуваат дека имал. Второ, и по договорот, Иран продолжил да ги чува и да ги проширува знаењата за своето нуклеарно оружје за идна употреба. Трето, Иран повторно лажел во 2015 година кога не беше отворен кон МААЕ, како што бараше нуклеарниот договор. По потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015-та Иран ги зајакнал напорите да ги сокрие своите тајни документи. Во 2017-та Иран ги преместил своите документи за нуклеарното оружје на строго тајна локација во Техеран“, тврдеше Нетанјуаху.

Аракчи, исто така, додал дека ваквите напади против Техеран веќе ги негирале извештаите на експертите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA). Посочил дека ден по имплементацијата на нуклеарниот договор кој официјално го носи називот Заеднички сеопфатен план за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA), во јануари 2016 година, Агенцијата проверува дали Иран се придржува до нуклеарната спогодба и досега во своите извештаи позитивно се оценуваат активностите на Техеран во оваа насока.

Заменикот шеф на иранската дипломатија порачал и дека Иран не е загрижен од наводите на Нетанјаху. Аракчи, исто така, рекол дека Техеран е подготвен за секое сценарио што ќе го предизвика со својата одлука американскиот претседател за иднината на нуклеарниот договор.

Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија гои потпишаа Виена нуклеарниот договор на 14-ти јули 2015 година а започнаа да го спроведуваат од 16-ти јануари 2016 година.

Со договорот Иран се обврза драстично да ја ограничи својата нуклеарна програма, во смисла на нивото на збогатување на ураниумот и бројот на постројките за тој процес, во замена за симнување на децениските меѓународни санкции наметнати поради оваа програма.

Трамп повеќепати нуклеарниот договор, кој беше преговаран од администрацијата на неговиот претходни Барак Обама, го оцени како „најлошата зделка во кога Вашингтон некогаш влегол“, што често го повторуваше и во претседателската кампања кога се закануваше дека ќе ги извлече САД од него, како што тоа го стори и од економскиот договор НАФТА и од Парискиот климатски договор.

Трамп овојпат се закани дека ќе се повлече од договорот доколку Конгресот и европските сојузници на САД не „помогнат да се поправи“ во рок од 120 дена.