
Одлуката на Бахреин за нормализацијата на односите со Израел е срамна и со неа оваа земја ќе стане соучесник на израелската политика која ја загрозува регионалната безбедност, се наведува во соопштението кое во саботата го издаде иранското министерство за надворешни работи.
„Бахреин со оваа срамна одлука ги жртвуваше палестинските заложби и децениите борба“, се наведува во соопштението на иранската дипломатија.
Договорот меѓу Бахреин и Израел, кој го најави американскиот претседател Доналд Трамп, како што се објаснува, делумно е склучен поради заедничката загриженост за активностите на Иран во регионот.
Иранската дипломатија, исто така, соопшти дека владите на Бахреин и на неговите сојузници ќе бидат сметанни за одговорни за секоја несигурност којашто Израел ќе ја предизвика во областа на Персискиот залив.
Палестинците стравуваат дека одлуките на Бахреин и претходно на Обединетите Арапски Емирати ќе го ослабат долгогодишниот панарапски став дека Израел, во замена за нормализирање на односите со арапските земји, мора да се повлече од окупираните територии во војната од 1967 година и да ја прифати палестинската државност.
Бахреин, по Обединетите Арапски Емирати од неодамна, и Египет и Јордан кои воспоставија меѓусебни дипломатски односи на ниво на амбасади со Израел пред повеќе децении, стана четвртата арапска земја која ги нормализира односите со еврејската држава.