Шпанецот Сантијаго Санчез Когедор, кој беше затворен во Иран по посетата на гробот на Махса Амини во октомври 2022 година, е ослободен, објави во неделата иранската амбасада во Мадрид.
„Иранската амбасада со задоволство го објави ослободувањето на Сантијаго Санчез Когедор, единствениот шпански притвореник во Иран. Неговото ослободување беше реализирано во рамките на пријателските и историските односи меѓу двете земји и почитувањето на законот“, соопшти амбасадата преку социјалната мрежа Х.
Санчез Когедор, 41-годишен жител на Мадрид, патувал пеш за Катар за да го гледа Светското првенство кое се одржуваше во таа земја. На патот, тој застанал во курдскиот град Саќез во Иран, каде што бил уапсен и затворен во октомври 2022 година, откако го посетил и фотографирал гробот на Махса Амини.
Амини, 22-годишна девојка, почина во септември 2022 година, откако беше уапсена од иранската полиција за морал, поради наводно прекршување на строгиот кодекс на облекување кој бара од жените да ги покриваат главите со шамија. Нејзината смрт доведе до масовни антивладини протести, со тврдење дека починала од повреди здобиени во притворот. Официјален Техеран тврдеше дека девојката починала од претходно здравствени проблеми, и ги обвини западните и израелската тајна служба за организирање на протестите.
Санчез Когедор помина 14 месеци во затвор, а неговата мајка во неделата за новинската агенција EFEЕ изјави дека не знае точно кога би можел да биде ослободен и да се врати во Шпанија. За веста дознала преку преведувач во иранската амбасада во Мадрид.
Семејството се обидело да издејствува негово ослободување преку различни канали и контактирало со фудбалскиот клуб Реал Мадрид за да посредува, но клубот не одговорил на барањето за помош, објави EFE.
Шпанската дипломатија по апсењето била во контакт со иранските власти.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарас јавно побара ослободување на Санчез Когедор пред два месеца, за време на настанот во Мадрид посветен на човековите права.