Иран повторно ја отвори својата амбасада во Ријад

Во средата Иран по седум години повторно ја отвори својата амбасада во Саудиска Арабија, пренесува Reuters, чиј репортер известува дека портите на комплексот на иранската амбасада во Ријад се повторно отворени и дека персоналот го проверува комплексот.

Дипломатската мисија беше отворена неколку часа откако иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека техничката делегација пристигнала во кралството. Тоа е резултат на договорот за обновување на дипломатските врски меѓу регионалните ривали, со посредство на Кина.

„Иранската делегација ќе ги преземе неопходните мерки во Ријад и Џеда за да ги воспостави амбасадата и генералниот конзулат“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канаани во соопштението.

Саудиските власти пристигнаа во Иран за да разговараат за повторното отворање на амбасадата на Ријад во Техеран и конзулатот во Машхад, соопшти во саботата саудиското Министерство за надворешни работи.

Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година по нападот врз нејзината амбасада во Техеран, откако Ријад погуби влијателне клерик на тамошмата шиитска заедница. Кралството потоа им даде на иранските дипломати 48 часа да го напуштат Ријад, додека истовремено го евакуира својот персонал од Техеран.

Односите почнаа да се влошуваат претходната година по интервенцијата на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во ткн „сунитска коалиција“ во војната во Јемен, во која Иран ја поддржува спротивната страна – шиитското племе Хути, кои ја соборија владата поддржана од Саудиска Арабија. Во неделата Саудијците и Хутите разговараа за постигнување мир.