Иран предупредува дека секој непријателски чин ќе наиде на жесток одговор

Иран ќе одговори на секакви активности против неговите интереси, порача во вторникот претседателот Ебрахим Раиси, според агенцијата ISNA, еден ден откако Израел се закани дека ќе одговори на нападот извршен од Техеран минатиот викенд со беспилотни летала и проектили.

„Категорично наведуваме дека и најмалиот чин против иранските интереси сигурно ќе наиде на сериозен, широк и болен одговор за секој сторител“, му рекол во телефонскиот разговор Раиси на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани.

Началникот на израелската армија Херзи Халеви во понеделникот рече дека иранскиот напад врз Израел, како одмазда за бомбардирањето на иранскиот конзулат во Дамаск на 1-ви април, бара одговор.

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери Кани изјави на државната телевизија доцна во понеделникот дека контраофанзивата на Техеран, по каков и да е израелски одговор, ќе дојде „во рок од неколку секунди имајќи предвид дека Иран нема (овојпат) да чека 12 дена за да реагира“.

Иран изминатиот викенд изврши напад со беспилотни летала и ракети врз Израел како одговор на неодамнешниот напад врз иранската амбасада во Дамаск за кој го обвини Израел. Иранскиот напад, како што тврдат Израел и САД, бил попречен и не предизвикал материјална штета или човечки жртви. Техеран, од друга страна, објави снимки од погодоци со хиперсонични ракети во две бази во Израел, разузнавачка на југот и воздухопловна во постината Нагев од каде полетале авионите кои го извршија рекетирањето во Дамаск.