Според информации на израелското разузнавање, Иран се подготвува да го нападне Израел од ирачка територија во наредните денови, веројатно пред претседателските избори во САД на 5 ноември, објави порталот „Аксиос“, цитирајќи два неидентификувани израелски извори.
Се очекува нападот да биде извршен од Ирак со употреба на голем број беспилотни летала и балистички ракети, се додава во текстот на „Аксиос“.
Извршувањето на нападот преку проирански милиции во Ирак може да биде обид на Техеран да избегне нов израелски напад врз стратешки цели во Иран.
Во текст на „Њујорк тајмс“, кој цитира три ирански извори, се вели дека ајатолахот Али Хамнеи веќе во понеделникот му наредил на Врховниот совет за национална безбедност на Иран да се подготви да го нападне Израел.
Според извештајот, одлуката на Хамнеи дошла по испитувањето на обемот на штетата претрпена од иранската ракетна инфраструктура и системи за противвоздушна одбрана како резултат на одмаздничкиот напад на Израел минатата недела.