Иран во неделата соопшти дека ги известил Соединетите држави за нивната намера да спроведат „ограничена“ операција против Израел како одговор на смртоносниот напад на почетокот од април врз иранската амбасада во сириската престолнина Дамаск, кој му се припишува на Израел.
„На Белата куќа ѝ објавивме порака дека нашата операција ќе биде ограничена, минимална и дека целта ќе биде да се казни израелскиот режим“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан.
Иранскиот министер ова го изјави за време на брифингот со странски дипломати во Техеран за нападот со беспилотни летала и проектили што во текот на ноќта ги лансираше Револуционерната гарда, идеолошката армија на Исламската Република, против Израел.
Амир-Абдолахиан им рекол на амбасадорите дека Техеран ги информирал соседните земји за својот планиран напад „72 часа пред операцијата“.
Иранските лидери, вклучително и врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи, ветија дека ќе го „казнат“ Израел за смртоносниот напад во кој загинаа седум офицери на Револуционерната гарда во Дамаск на 1-ви април.
„Им најавивме на нашите браќа и пријатели во регионот, вклучувајќи ги и земјите каде што се наоѓаат американските воени бази, дека нашата цел е само да го казниме израелскиот режим“, рече министерот.
„Не сакаме да го гаѓаме американскиот народ или американските бази во регионот“, додаде Амир-Абдолахиан предупредувајќи дека Иран сепак би можел да ги гаѓа американските воени позиции доколку тие се вклучени во „одбрана и поддршка“ на Израел.