Иран во понеделникот соопшти дека Израел ја загубил својата моќ да ги одвраќа и да возвраќа на прекиуграничните напади, како и дека стратешката рамнотежа во регионот се сменила против него, по нападите на либанската шиитска милиција Хезболах.
Хезболах лансираше стотици ракети и беспилотни летала кон Израел рано во неделата, додека израелската војска соопшти дека го погодила Либан со околу 100 авиони за да спречи поголем напад, во еден од најголемите судири во повеќе од 10 месеци погранична војна.
„И покрај сеопфатната поддршка од државите како Соединетите држави, Израел не можеше да го предвиди времето и местото на ограничен и управуван одговор од отпорот. Израел ја загуби својата моќ на одвраќање“, напиша портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, на мрежата X.
Канаани додаде дека Израел „сега мора да се брани во рамките на своите окупирани територии“ и дека „стратешката рамнотежа претрпе фундаментални промени“ на штета на Израел.
Секое големо прелевање во борбите, кои започнаа паралелно со војната во Газа ланскиот октомври, се заканува да прерасне во регионален конфликт кој ќе го вовлече Иран, поддржувачот на Хезболах, како и САД, главниот сојузник на Израел.
Водачот на Хезболах, Саид Хасан Насрала, изјави дека баражниот оган на групата, одмазда за атентатот на високиот командант Фуад Шукр минатиот месец, бил завршен „како што беше планирано“.
Со три смртни случаи потврдени во Либан и еден во Израел по размената на огнот во неделата, двете страни посочија дека засега успеваат да избегнат натамошна ескалација, но предупредија дека може да има уште напади.