Иран возврати дека ќе бидат потопени американските бродови кои ќе им се заканат на иранските

Иран ќе ги уништи американските воени бродови коишто ќе се заканат на безбедноста на иранските бродови во Персискиот залив, предупреди во четвртокот генералот Хосеин Салами, командант на елитната иранска Револуционерна гарада, ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран дека ѝ издал упатство на воената морнарица на САД да ги уништи иранските пловила кои ќе ги попречуваат американските.

„Им наредив на нашите поморски сили да ги уништат сите американски терористички сили во Персискиот залив кои им се закануваат на безбедноста на иранските воени и сите други бродови. Безбедноста во Персискиот залив е дел од иранските стратешки приоритети“, рече генералот Хосеин Салами за иранската државна телевизија.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ѝ дал упатство на американската морнарица да пука врз иранските бродови кои ги попречуваат на морето, но подоцна појасни дека не ги менува воените правила на дејствување.

Американската армија минатата среда објави дека 11 пловила на иранската Револуционерна гарда неколкупати им се приближиле на американскиет воени бродови во меѓународните води на Персискиот залив на „опасен и вознемирувачки“ начин. На американските бродови им се приближиле со голема брзина, а во некои случаи тоа било само на 9 метри растојание, соопшти командата на морнарицата на САД.

Инцидентот наводно се случил во меѓународните води во текот на вежбите во кои биле вклучени и борбените хеликоптери од типот „Apache“. По американската објава минатата среда, иранската Револуционерна гарда возврати минатиот петок дека ќе одговори на „секое погрешно дејствување“ на САД во Персискиот залив.

Техеран за за инцидентот го обвини својот децениски непријател. Иранското министерство за надворешни работи го повика во четвртокот швајцарскиот амбасадор во Техеран, кој ги застапува американските интереси во земјата, поради најновите тензии меѓу Иран и САД.

„На Американците им порачувам дека сме целосно решителни и сериозни во одбраната на нашата национална безбедност, нашите морски граници, нашата безбезедност на пловидбата и нашите безбедносни сили. Решителни сме да одговориме на секоја саботажа. Американците веќе ја искусија нашата моќ во минатато и мора од тоа да учат“, изјави генералот Салами.

Тензиите меѓу Иран и САД се зголемија во мај 2018 година, кога Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот договор со Техеран кој го постигнаа шесте светски сили во 2015 година, и повторно наметнаа остри санкции за иранската економија и индустрија.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф , исто така, во четвртокот му порача на американскиот претседател Доналд Трамп да се посвети на спасувањето на американските војници од пандемијата на коронавирусот.

„Во американската војска има над 5.000 заразени. Исто така, американските сили немаат што да прават на повеќе од 11.000 километри до дома и да ги провоцираат нашите морнари на нашите сопствени брегови на Персискиот залив“, објави Зариф на Twitter.

Влијателните ирански духовни водачи на присуството на американската војска на Блискиот исток гледаат како безбедносна закана за Исламската Република.

Иранската Револуционерна гарда во средата објави дека го лансирала првиот воен сателит во орбитата на планетата. Оваа објава ја критикуваа САД, наведувајќи дека Техеран бара симнување на санкциите за справување со епидемијата на коронавирусот, а троши пари за лансирање сателити.

Американската армија тврди дека истата балистичка технологија со долг дострел, којашто се користи за испраќање сателити во орбитеата, би можела да му овозможи на Иран лансирање ракети со долг дострел, па во следниот период и со нуклеарни боеви глави. Техеран ги отфрла американските тврдења дека со овие активности го прикрива развувањето балистички проектили и упорно наведува дека неговата нуклеарна технологија е наменета за добивање енергија и во медицински цели, како и дека никогаш не тежнеел кон развој на нуклеарно оружје.