Иранската револуционерна гарда: Ханија e убиен од проектил со краток дострел, а не со бомба

Иранската револуционерна гарда соопшти дека проектил со краток дострел стои зад убиството на шефот на терористичката група Хамас Исмаил Ханије, што е спротивно на извештајот на „Њујорк Тајмс“ во четвртокот дека експлозијата била предизвикана од експлозив на далечински управувач. Воедно се обвинуваат САД дека го поддржуваат нападот за кој го обвинија Израел.
Во соопштението, во кое се повторува повикот за одмазда, се вели дека ракета со боева глава тешка седум килограми била употребена за напад на резиденцијата на лидерот на Хамас во главниот град Техеран во средата. Не се споделени детали за локацијата на резиденцијата.

„Акцијата беше дизајнирана и спроведена од ционистичкиот режим и поддржана од САД“, се вели во соопштението на Гардата. Се додава дека „воинствениот и терористички ционистички режим ќе добие сурова казна во соодветно време, место и капацитет“.

„Њујорк тајмс“ во четвртокот објави дека експлозијата во која загина Ханија била предизвикана од софистициран, далечински управуван експлозив поставен пред околу два месеци. Во извештајот се цитираат американски функционер и седум функционери од Блискиот Исток, вклучително и двајца членови на Револуционерната гарда.

Израел не ја потврди ниту негираше својата улога во убиството на Ханија, кој беше во Иран за да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан.

Сепак, Израел вети дека ќе ги убие Ханија и другите лидери на Хамас поради инвазијата и масакрот на терористичката група на 7 октомври во јужен Израел, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе, а 251 беа земени како заложници, што ја поттикна тековната војна Израел-Хамас во Газа.

Атентатот предизвика страв од поширок регионален конфликт и од директна конфронтација меѓу Израел и Иран доколку Техеран се одмазди.

Американскиот претседател Џо Бајден беше прашан во саботата вечерта во Вилмингтон, Делавер, дали мисли дека Иран ќе се повлече од ветувањето за напад на Израел. Тој одговори: „Се надевам дека е така, не знам.”

Во април, Иран лансираше стотици проектили и беспилотни летала кон Израел, од кои најголем дел беа пресретнати со помош на коалицијата предводена од САД. Нападот дојде помалку од две недели откако Израел во Сирија уби двајца ирански генерали, и беше првпат Иран да започне директен воен напад врз Израел и покрај децениското непријателство кое датира од Исламската револуција во земјата во 1979 година.

Иран не го признава Израел и ги поддржува антиизраелските терористички групи, вклучувајќи ги Хамас и либанскиот Хезболах, кои се посветени на уништување на Израел.