Иранските дипломати запалија документи рано денеска пред да ја напуштат земјата, откако Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран обвинувајќи ја Исламската Република за сајбер напад извршен во јули.
Вчера, во видео обраќање албанскиот премиер Еди Рама рече дека им наредил на иранските дипломати и персоналот да ја затворат амбасадата и да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.
Рама рече дека сајбер нападот во јули бил закана „да ги парализира јавните услуги, да ги избрише дигиталните системи и да ги хакира владините записи, да ги украде електронските комуникации на владиниот интранет и да предизвика хаос и несигурност во земјата“. Сведок на агенцијата Ројтерс видел човек од амбасадата како фрла хартии во зарѓано буре, а пламенот ги запалил и ѕидовите на трикатната амбасада.
Вашингтон, кој е најблискиот сојузник на Албанија, исто така го обвини Иран за нападот и вети дека „ќе преземе дополнителни мерки за да го повика Иран на одговорност за дејствијата што ја загрозуваат безбедноста на американскиот сојузник“.
Техеран силно ја осуди одлуката на Тирана да ги прекине дипломатските врски, нарекувајќи ги причините на Албанија за ваквиот потег како „неосновани тврдења“.
Албанија и Иран имаат затегнати односи од 2014 година, кога Албанија прифати околу 3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, позната и по нејзиното персиско име Муџахедин-е-Калк, кои се населиле во камп во близина на Драч.
Неколку дена по сајбер нападот, медиумите од Тирана објавија дека хакерите ги објавиле личните податоци на членовите на опозицијата кои биле зачувани во државните компјутери на Албанија, како лични, социјални и безбедносни броеви, имиња и фотографии.
Денеска наутро изгледаше мирно пред амбасадата во Тирана, која се наоѓа на само 200 метри од кабинетот на премиерот.
Црно ауди со дипломатски таблички и затемнети стакла било забележано како влегува и излегува додека полицаец го чувал влезот.