Ирански генерал: Нетрпеливи сме да го уништиме ционистичкиот режим

Шефот на иранските воздухопловни сили, генерал Азиз Насирзаде, рече дека тие се „нетрпеливи и подготвени” да влезат во борба со Израел, за да ја уништат еврејската држава, пренесе Асошиејтед прес. Тој ова го изјави само неколку часа откако израелски борци започнаа воздушни напади врз неколку ирански воени цели во Сирија.

Според интернет страницата на иранската државна телевизија, пренесува АП, генералот изјавил дека „помладата генерација (на иранските сили) е нетрпелива и подготвена за битка против ционистичкиот режим, со цел да го избрише од лицето на Земјата”. Насерзаде ова го изјави за време на посетата на Академијата на воздухопловните сили по нападите на Израел утринава.

Според израелските власти погодените цели биле магацини со оружје, разузнавачки објект и камп за воена обука, како одговор на вчерашната ракета на Иран врз израелски цели.
Иранските власти честопати ветуваа дека ќе го уништат Израел, потсетува АП.