Ирански новинар побегнал од делегацијата на Зариф

Новинар кој ја следел дипломатската турнеја на иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Зариф, по нордиските земји, ја напуштил делегацијата во Шведска.

Шведските власти денеска објавиле дека новинарот побарал дозвола за престој во Шведска.

Шведската канцеларија за миграција потврдила дека примила барање на 21 август од Амир Тохид Фазел, политички новинар од иранската ултраконзервативна агенција „Мој“.

Овој новинар објавил попис од ирански функционери кои наводно имаат двојно државјанство со земји кои иранската Влада ги смета за непријателски. Иран не го признава двојното државјанство и ја ускртува двојната заштита на лицата со двојно државјанство.

Тој патувал со министерот Зариф во рамки на меѓународната турнеја по Франција, Шведска и Норвешка. Новинарот за шведската државна телевизија СВТ рекол дека на 20 август, додека се наоѓал во Шведска, преку интернет го контактирал колега и му рекол дека четворица полицајци дошле во новинската агенција со налог за негово апсење.

Еден ден подоцна новинарот успеал да се оддалечи од делегацијата иако 48 лица го чувале Зариф. Фазел избегал за да го изнесе своето мислење за иранската политика.

Иран се наоѓа на 170 место, од 180 земји, на светската листа за слобода на медиуми за 2019 година, изработена од Новинари без граници.