Иранскиот ајатолах вети „строга казна“ за Израел поради убиството на Ханија

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи вети дека ќе се одмазди за смртта на политичкиот шеф на Хамас Исмаил Ханија, кој беше убиен во ракетен напад во Техеран во средата.

Земјите од целиот регион го обвинија Израел за нападот, но Израел досега нема официјален коментар.

По атентатот, на X профилот кој ги споделува изјавите на Хамнеи, е објавена порака од иранскиот лидер, во која се вели: „По овој горчлив, трагичен настан што се случи во границите на Исламската Република, наша должност е да се одмаздиме“.

Во посебна изјава, Хамнеи вети „строга казна“ за Израел поради убиството на Ханија, посочувајќи дека „криминалниот и терористички ционистички режим маченички го погуби нашиот драг гостин во нашата куќа и нè направи ужалени, но исто така подготви терен за жестока казна за себе“.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, исто така, го осуди нападот врз резиденцијата на Ханије во Техеран, ветувајќи дека ќе ги брани територијалниот интегритет, чест и достоинство на Исламската Република и ќе ги натера „терористичните окупатори да жалат за нивната кукавичка постапка“.

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) исто така му се закани на Израел со „остар и болен одговор“ од Иран и неговите сојузници.

Во соопштението, ИРГЦ рече дека убиството на Ханија покажало дека „ционистичката банда криминалци, убијци и терористи, без никакво почитување на меѓународните правила и прописи, не бега од извршување на какви било криминални дејствија за прикривање на срамните неуспеси од девет месеци војна во Газа“.

Пред инцидентот во средата, Израел се закануваше дека ќе ги елиминира највисоките функционери на Хамас поради нападот на групата врз Израел во октомври минатата година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а околу 250 други беа земени како заложници.

Ханија, кој живееше во Катар, беше дипломатски фронтмен на палестинската милитантна група, делувајќи како посредник во преговорите за прекин на огнот за време на војната меѓу Израел и Хамас.