Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во средата порача дека Израел мора да престане со „своите злосторства“ или да се соочи со жестока реакција.
Пезешкијан зборуваше ден откако Иран истрела речиси двесте ракети и дронови врз Израел кој отиде чекор натаму во конфликтот со либанското шиитско движење Хезболах со испраќање копнени пешадински и оклопни трупи преку границата со Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави одмазда за иранскиот напад.
„Доколку ционистичкиот режим не престане со своите злосторства, ќе се соочи со посериозни реакции“, рече Пезешкијан во пресрет на претходно планираното патување во Катар, кој е регионален сојузник на САД и има добри односи со Израел, пренесуваат државните медиуми.
Пезешкијан, кој пред неколку месеци стана претседател и се смета за поумерен политичар од неговиот трагично загинат претходник на должноста, на државната телевизија изјави дека главната цел на неговото патување во Доха е да разговара за билатералните односи меѓу двете земји и да потпише договори со катарската влада. Таму ќе учествува и на самитот на Дијалогот за азиска соработка.
„Втората цел е да се разговара за тоа како азиските земји можат да ги спречат израелските злосторства во регионот и да ги спречат непријателите да започнат хаос на Блискиот исток“, порача иранскиот претседател.