Соединетите држави треба да разберат дека Иран нема да попушти пред притисокот, рече новоизбраниот претседател Масуд Пезешкијан во изјавата во саботата, истакнувајќи го пријателството на неговата земја со Кина и Русија.
Пезешкијан, умерен либерал кој го победи тврдолинијашкиот противкандидат на неодамнешните избори по загинувањето во хеликоптерска несреќа на претседателот Ебрехим Раиси, повтори дека Иран не се стреми кон нуклеарно оружје, додавајќи дека Техеран ќе ги прошири своите врските со своите соседи и со Европа.
„САД… треба да ја препознаат стварноста и да сфатат, еднаш засекогаш, дека Иран не и нема да одговори и попуѓти на притисок и дека иранската одбранбена доктрина не вклучува нуклеарно оружје“, наведува Пезешкијан во изјавата под наслов „Мојата порака до новиот свет“ објавена во дневниот весник на англиски јазик Tehran Times во која јасно порачува на создавањето мултиполарен свет за кој долго зборуваат главните ирански сојузници Русија и Кина.
Пезешкијан, 69-годишен кардиохирург со азерско и курдско потекло, вети дека ќе промовира прагматична надворешна политика, ќе ги намали тензиите поради застојот на разговорите со големите сили за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година од кој еднострано се повлека САД во 2018 година и ги вратија децениските санкции до кои се придржуваат и американските сојузници во Европа, и за подобрување на изгледите за социјална либерализација и политички плурализам.
Сепак, многу Иранци се скептични во врска со неговата способност да ги исполни целосно своите предизборни ветувања, бидејќи крајниот авторитет во Исламската Република е врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи и неговиот совет, а не претседателот на земјата.
„Кина и Русија постојано стојат покрај нас во тешките времиња. Ние длабоко го цениме ова пријателство. Русија е ценет стратешки сојузник и сосед на Иран и мојата администрација ќе остане посветена на проширување и унапредување на нашата соработка“, продолжува Пезешкијан во споменатаа изјава.
Додава дека Техеран активно ќе ги поддржува иницијативите насочени кон ставање крај на конфликтите во светот.
„Иранскиот народ ми го довери мандатот за силно продолжување на конструктивниот ангажман на меѓународната сцена, инсистирајќи на нашите права, нашето достоинство и нашата заслужена улога во регионот и светот. Упатувам отворен повик до оние кои сакаат да ни се придружат во овој историски потфат“, рече Пезешкијан.