Иранскиот претседател предупреди на „неповратните“ последици од поширока регионална војна

Израел сака да го вовлече Блискиот исток во сеопфатна војна со тоа што ќе го испровоцира Иран да се вклучи во речиси едногодишниот конфликт меѓу Израел и либански Хезболах, рече иранскиот претседател во понеделникот Масуд Пезешкијан, предупредувајќи на „неповратни“ последици.

Зборувајќи за новинарите во Њујорк каде што пристигна на Генералното собрание на Обединетите нации, Масуд Пезешкијан рече: „Не сакаме да бидеме причина за нестабилноста на Блискиот исток, бидејќи последиците би биле неповратни“. „Сакаме да живееме во мир, не сакаме војна. Израел е тој што се обидува да предизвика сеопфатен конфликт“, додаде иранскиот претседател.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека израелските воздушни напади во Либан уништиле десетици илјади ракети на Хезболах во понеделникот, додавајќи дека тоа е најтешката седмица за движењето поддржано од Иран од неговото основање, кое инаку во последната војна од 2006 година ѝ ги нанесе првите позначителни загуби на израелската армија во историјата на изрелско-арапските војни.

„Денеска има значајна ескалација. Денеска уништивме десетици илјади ракети и прецизна муниција. Она што Хезболах го изгради во 20 години од Втората либанска војна, го уништува израелската армија“, тврди Галант.

Повикот на Пезешкијан за дијалог за решавање на конфликтот на Блискиот исток доаѓа по интензивниот бран израелски воздушни напади во Либан и главниот град Берјурт, за кои Израел твврди дека се наводно ударои врз позиции на Хезболах во понеделникот, најсмртоносниот ден во Либан во речиси една година конфликт меѓу Израел и Хезболах.

„Ќе ја браниме секоја заедница којашто ги брани своите права и себеси“, одговори Пезешкијан на прашањето дали Иран ќе се вклучи во конфликтот меѓу Израел и Хезболах но притоа не даде детали.

Израел објави дека извршил воздушни напади врз стотици позиции на Хезболах во понеделникот, при што загинале најмалку 492 луѓе и ранети се 1.645, а илјадници биле принудени да ги напуштат своите домови, соопштија либанските власти. Израелската армија ги предупреди локалните жители да се оддалечат од областите каде Хезболах има позиции или чува оружје.

Десетици илјади луѓе се раселени од градовите и селата од двете страни на границата поради речиси секојдневната размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах. Израел рече дека претпочита дипломатско решение што ќе го оддалечи Хезболах од границата. Но Хезболах, кој вели дека исто така сака да избегне сеопфатен конфликт, рече дека само крајот на војната во Газа ќе ги запре борбите. Напорите за постигнување прекин на огнот во Газа заглавија по неколкумесечните неуспешни преговори со посредство на Катар, Египет и САД.