Заменик-командантот на иранската Револуционерна гарда, Али Фадави денеска изјави дека строго ќе бидат казнети „платениците“ уапсени за време на протестите што беа организирани поради зголемување на цената на горивото.
– Нашиот одговор секако ќе биде пропорционален на нивната бруталност. Ги уапсивме сите лакеи и платеници и тие признаа дека работат во корист на Америка, на Монафегин и други, истакна Фадави.
„Монафегин“ на персиски јазик значи лицемер, но иранските владини претставници го користат за опозициската група Муџахедини на иранскиот народ, чии членови се во егзил. Групата е одговорна за голем број напади во Иран во 80-тите години од минатиот век. За официјален Техеран групата Муџахедини на иранскиот народ е терористичка.
Иранските власти тврдат дека воспоставиле мир по повеќедневните немири што почнаа на 15 ноември, неколку часа по објавата за зголемување на цената на горивото.
Новинската агенција ФАРС, блиска до иранските конзервативци, објави дека полицијата „уапсила и идентификувала 180 демонстранти“.
– Сите ги уапсивме и ако бог така сака, правосудството ќе ги осуди на највисоката казна, адмирал Фадави.
Не е познат точниот број на уапсени демонстранти ниту бројот на загинати. „Амнести интернешенел“ (АИ) вчера објави дека за време на протестите во Иран загинале најмалку 115 лица