Ирците на референдум ќе одлучат дали да ја укинат забраната за богохулење

Ирска на 26 октомври ќе одржи референдум за укинување на уставниот закон со кој се забранува богохулење, објави Даблин.

Ирскиот Устав сега вели: „Објавување или искажување изјави кои се богохулни, поттикнуваат на бунт или се непристојни дела, се казнуваат со закон“.

Но, оваа одредба во модерното ирско општество генерално се смета за неефикасна и застарена.

Во мај, Ирците гласаа за укинување на забраната за абортус со мнозинство од 66 отсто од гласовите, што укажува на сѐ послабото влијание на Црквата во оваа некогаш многу конзервативна католичка земја.

Новиот референдум ќе се одржи истиот ден како и претседателските избори со цел намалување на трошоците.

Ирските медиуми неодамна шпекулираа дека оваа есен би можело да се одржи референдум за отстранување на формулацијата од Уставот според која на жената местото ѝ е „дома“. Но, тоа овој месец е одложено бидејќи политичарите сѐ уште размислуваат како оваа формулација да се преобликува.

Портпаролот на владата соопшти дека во моментов таков референдум не се планира.