Се очекува Ирска подоцна во средата во текот на денот да го објави признавањето на палестинската држава, јавува Reuters, повикувајќи се на добро информиран извор.
Ирската влада во вторникот доцна вечерта објави дека премиерот Сајмон Харис ќе одржи прес-конференција во среда претпладне, но не беше откриено која ќе биде темата на разговорот.
Харис пред неколку дена најави дека Ирска ќе ја признае палестинската држава до крајот на месецот. Премиерот нагласи и дека не сака да го види прекинот на дипломатските односи со Израел како резултат на потег кој би бил многу контроверзен.
„Она што се случува сега во Газа е неподносливо, а она што може да се случи во Рафах е несовесно и треба да престане“, рече Харис во неделата.
„Ирската позиција е конзистентна по ова прашање. Владата има намера да ја признае државата Палестина овој месец. Очигледно дека се надеваме дека ќе го направиме тоа со некои други земји“, додаде тој.
Израелското Министерство за надворешни работи во вторникот предупреди на потегот, велејќи во објава на платформата на социјалните мрежи Х дека признавањето „ќе доведе до поголем тероризам, нестабилност во регионот и ќе ги загрози сите изгледи за мир“. „Не бидете пион во рацете на Хамас“, соопшти Министерството.
Заедно со Ирска, Шпанија, Словенија и Малта, исто така, планираат наскоро да ја признаат независната држава Палестина.
Ирската влада во среда треба да го објави признавањето на палестинската држава, потег на кој силно се противи Израел, изјави извор запознаен со ова прашање.
Членките на Европската унија, Ирска, Шпанија, Словенија и Малта во последните седмици посочија дека планираат да го објават признавањето, веројатно во координирана објава, тврдејќи дека решението со две држави е од суштинско значење за траен мир во регионот.
Напорите доаѓаат откако зголемениот биланс на загинати во Газа од израелската офанзива за уништување на Хамас поттикнува глобално повици за прекин на огнот и трајно решение за мир во регионот.
Шпанија и Ирска долго време се застапници на правата на Палестинците. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот поради големиот број цивили убиени во израелската офанзива на Газа.
Израел тврди дека планот на четирите европски земји е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.
Од 1988 година, 139 од 193 земји-членки на ОН ја признаа палестинската државност.
Членките на Советот за безбедност на ОН на 12-ти април не успеаја да се договорат за барањето на Палестина за полноправно членство во светската организација, изјави амбасадорот на Малта, земјата која во април претседава со Советот за безбедност. Сепак, немањето консензус не ја спречува земјата-членка да го поднесе прашањето до Советот за безбедност на гласање.
Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите нации до крајот на април, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.
Во септември 2011 година, претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. Во ноември 2012 година, Палестина доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.
Палестина на почетокот од април го ажурираше своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН, укажувајќи на израелската офанзива во Газа, а ова тело почна процес на разгледување на барањето.