Ирска мора да го префрли тежиштето на даноците на капиталот и потрошувачката

Ирска со текот на времето ќе мора да ги подигне нивото на оданочувањето и да го истави тежиштето на даноците на капиталот и потрошувачката за да собере пари за јавните услуги, покажува извештајот на стручната работна група.

Треба да се прошири даночната основица и да се префрли тежиштето од трудот на капиталот, богатството и потрошувачката, е заклучокот на владината даночна комисија. Потребни ќе бидат и нови даноци, како надоместок за користење на патиштата, бидејќи приходите од данокот на фосилните горива се намалуваат, се напоменува во извештајот.

„Имајќи го предвид демографскиот профил на Ирска, нивото на јавниот долг и бројните други фискални ризици, вкупниот износ на даночните приходи, потребни за финансирање на јавните услуги, неопходно ќе пораснат со годините што надоаѓаат“, се наведува уште во извештајот на Даночната комисија.

Ризиците вклучуваат и „значителна неизвесност“ по прашањето за оданочувањето на корпоративните добивки, чијшто главен извор се големите мултинационални компании, и јавните средства потребни за климатските промени.

Претседателката на комисијата, Ниам Молонеј, професорка на London School of Economics, рече дека се свесни за економските предизвици со коишто домаќинствата се соочуваат поради високата инфлација. Многу препораки би можело во кус рок да претставуваат предизвик, признава Малонеј.

Министерот за финансии Паскал Донахју рече дека извештајот отвора сериозни прашања за реформа на даночниот систем и социјалната нега „во долгорочна перспектива“. Владата вети дека ќе ги намали даноците во буџетот за следната година, кој ќе биде објавен на 27-ми септември, за да им се помогне на потрошувачите и компаниите да се справат со поскапувањето на енергијата.