Ирскиот премиер го призна поразот на референдумот за семејството и „улогата на жената во домот“

Двојниот референдум во Ирска за редефинирање на семејството и улогата на жената во уставот е поразен, изјави во саботата премиерот Лео Варадкар. Владата ги поддржа предложените измени кои ќе ја прошират дефиницијата за семејство и ќе ги разјаснат должностите на жената во општеството.

„Мислам дека во оваа фаза е јасно дека референдумите за амандманот на семејството и амандманот за грижа се поразени“, рече Варадкар на прес-конференција во Даблин.

Ова беше последниот обид, на Меѓународниот ден на жената, да се прикаже променетото лице на Ирска, членка на Европската унија, и слабеењето на влијанието на некогаш доминантната Католичка црква. Но, до 13 часот по средноевропско време беше јасно дека мнозинството гласачи рекоа „не“ на двете прашања за грижата и семејството.

Варадкар рече дека референдумите биле „сеопфатно поразени со респектабилна излезност“.

„Нашата одговорност беше да го убедиме мнозинството луѓе да гласаат „за“, но очигледно не успеавме. Мислам дека ни беше тешко да ги убедиме луѓето за неопходноста или потребата од референдум, а не пак за деталите од формулацијата“, рече ирскиот премиер додавајќи дека „очигледно е нешто за што ќе треба да размислуваме во седмиците и месеците кои доаѓаат“.

Двата предлози – наречени амандман за семејството и амандман за грижа – имаа цел да ја променат формулацијата на членот 41 од ирскиот устав, напишан во 1937 година. Првата бараше од граѓаните да ја прошират дефиницијата за семејството од оние засновани на брак до „трајни врски“ како што се двојките кои живеат во вонбрачни заедници и нивните деца. Друг предлагаше да се замени старомоден јазик за „домашните должности“ на мајката со одредба со која се признава грижата што членовите на семејството си ја пружаат едни на други.

Земјата со 5,3 милиони жители, од кои речиси 3,5 милиони имаат право на глас, одлучи да ги укине уставните ограничувања за истополовите бракови во 2015 година и за абортусот во 2018 година.

Сите главни политички партии го поддржаа т.н „двојно да“, а до неодамна анкетите предвидуваа дека и двете референдумски прашања ќе поминат без проблем.

Но, активистите за „не“ тврдеа дека концептот на „трајна врска“ е недефиниран и збунувачки, како и дека жените и мајките со него се поништуваат. Во меѓувреме ултра-конзервативците тврдеа дека промените би можеле уставно да ги заштитат полигамните односи и да ја зголемат имиграцијата преку обединување на семејствата на мигрантите – тврдењата што владата ги негираше.