Исчезнатиот прстен вреден 750.000 евра пронајден во правосмукалка

Прстен вреден 750.000 евра, кој исчезнал од луксузниот париски хотел „Ritz“ изминатиот викенд, е пронајден во правосмукалка.

Сопственичката, бизнисменка од Малезија и гостинка на хотелот, го пријавила исчезнувањето во полиција, сомневајќи се дека го украл некој од перосналот.

Обезбедувањето на „Ritz“ го пронашло прстенот меѓу прашината во резервоарот за правосмукалка во неделата, откако полицијата отворила истрага, објави весникот Le Parisien.

Во меѓувреме, гостинката заминала во Лондон, но ќе се врати во Париз. На полицајците им рекла дека прстенот го оставила на масата во својата соба во петокот, а кога по неколку часа се вратила од пазарење, го немало.

Во саботата таа замина од Париз за Лондон, но се очекува да се врати во француската престолнина за да си го земе прстенот, пишува весникот Le Parisien. Се додава дека „Ritz“ ѝ понудил сместување три ноќи како компензација, но бизнисменката немала намера да ја искористи понудата.