Исфрустрираниот Погба ги нападна соиграчите

Пол Погба најверојатно ќе стане најскап светски фудбалер, но неговиот однос на вчерашниот меч против Португалија само ги подгреа шпекулациите дека играчот на Јувентус е преценет и дека не покажа ништо посебно на овој шампионат.

На синоќешниот финален меч Погба целосно потфрли. Како тоа да не беше доволно, Погба по примениот гол во 109. минута им се нафрли на Муса Сисоко и Блез Матуиди затоа што не го запреа ударот на Едер, а потоа го нападна и многу поискусниот Андре Пјер Жињак за пропуштената шанса во регуларниот дел од мечот.

Француските медиуми пишуваат дека причина за слабата игра на Погба е неговата неприродна позиција, односно класичен деструктивец во средниот ред веднаш пред централните дефанзивци. За разлика од ова, Погба во Јувентус игра многу понапред и е многу поофанзивен, позиција која очигледно многу подобро му лежи.

Инаку, голем дел од медиумите веќе пренесоа дека неговиот трансфер во Манчестер Јунајтед е завршена работа. Јувентус ќе добие неверојатни 123 милиони евра, а Погба ќе заработува 14 милиони евра по сезона.  Од трансферот ќе се офајди и неговиот агент Мино Раиола, кој ќе добие исто така неверојатни 25 милиони евра.