ИСИС договара крвави напади низ светот преку порно сајтови

Терористичките организации користат шифрирани пораки на Ибеј, Редит и на порнографски сајтови, а израелската разузнавачка агенција Мосад ги дешифрирала информациите за конкретни напади, меѓу другото и кога тие би можеле да се случат, пренесува Раша тудеј.

Во новото издание на книгата „Гидеоновите шпиони: Тајната историја на Мосад“, британскиот истражувачки новинар и писател Гордон Томас опишува како израелската разузнавачка служба ги открива терористичките закани, пребарувајќи, меѓу другото, и порно сајтови.

Терористичките организации како Ал каеда ја совладале стеганографијата, техника на криење на тајни информации во дигитален документ и ја користат, на пример, во производи кои се продаваат на Ибеј. За таа цел користат и општествено-информативни сајтови како Редит, на кои регистрираните корисници самите доставуваат содржини во облик на линкови или постови, па дури и порнографски сајтови.

Мосад и британската разузнавачка агенција МИ5 тврдат дека по терористичкиот напад врз редакцијата на весникот Шарли ебдо била зголемена размената на шифрирани пораки меѓу припадниците на терористичките организации.

Следејќи широк спектар сајтови, службите успеваат да ги откријат терористичките групи и нивните планови со тоа што дешифрираат хексадецималните знаци и простите броеви кои тие ги користат за прикривање на информациите, а понекогаш можат да ги дознаат и деталите за конкретни напади, па дури и кога тие би можеле да се случат.

Во книгата, за прв пат објавена во 1999, авторот истакнува дека Мосад, штом добие информација за можен напад, за тоа ја информира владата на загрозената земја. Израелската разузнавачка служба исто така ангажирала група лингвисти кои знаат арапски, удру и паштунски јазик за да им помагаат во преводите на публикациите во кои Ал каеда и Исламска држава постираат прикриени информации.