Исламистичките закани се насочени кон коптската заедница во Австрија

Како што беше претходно во средата рано претпладнето објавено, полицијата во Виена го зголеми своето присуство на улиците на австриската престолнина, особено околу верските објекти на сириско-христијанската заедница во Австрија, објавија во средата австриските медиуми.

Медиумите јавуваат дека, според неофицијални информации, се планираат терористички напади врз припадници на сириско-христијанската заедница и нивните објекти во Виена.

На социјалните мрежи се прошири информацијата дека полицијата трага по „теренско возило со странски ознаки“ со четири лица, од кои едно е повредено. Полицијата не ги коментираше овие наводи.

Припадниците на сириско-христијанската заедница потврдија дека полицијата во текот на денот разговарала со членовите на заедницата и дека влегле во верскиот објект на оваа заедница во виенскиот кварт Фаворитен.

Некои австриски медиуми јавуваат дека плановите за напад се конкретно насочени кон коптската црква во Австрија. Според порталот Krone.at, екстремните исламистички групи им се закануваат на припадниците на оваа заедница дека одбиваат да се борат во нивниот ткн џихад.

Тарафа Багајати, претседател на Муслиманската иницијатива на Австрија, рече дека и умерените проповедници и членовите на муслиманската заедница долго време се, исто така, под закана од исламските екстремисти и дека тие постојано барале полициска заштита.

Полицијата во средата наутро преку Twitter ги информираше граѓаните за зголемено присуство на униформирани припадници на полицијата и специјалната полиција во Виена. Во заднината на овие мерки се сознанијата на внатрешната тајна служба за можни терористички напади со исламистичка позадина, беше додадено во објавата. Во истиот твит беше објавено дека засега не може да се предвиди времетраењето на овие мерки.