Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава ја објави во средата смртта на својот водач Абу Хасан ал-Хашими ал-Курапи, прецизирајќи дека е убиен „додека се бореше со непријателите на Алах“.
Во аудио порака, портпаролот на оваа џихадистичка групација Аби Омар ал-Мухаџир, не објавил каде и кога загинал водачот, туку само дека е избран нов „калиф на муслиманите“, Ирачанецот Абу Хусиен ал-Хусеини ал-Кураши.
По раскинувањето со Ал Каеда поради нејзината пасивност, летото 2014 година ирачкото крило се именуваше тогаш како Исламска држава на Ирак и Левантот (ISIS) и молскавично зазема големи територии од Ирак и соседна Сирија на којашто го прогласи својот „калифат“.
Но под постојаните удари на меѓународните сили во двете земји врз Исламската држава во 2017 и во 2019 година, беше разбиен нејзиниот „калифат“.
Потоа изминативе години поради серијата терористички напади за кои ја преземаше одговорноста ширум светот, беше цел на дополнителни операции и претрпе нови удари со ликвидации или заробувања на нејзините водачи и високо позиционирани луѓе.
Првиот водач на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади, кој на почетокот од војната во Сирија мистериозно беше ослободен од американскиот затвор во воената база Гвантанамо на Куба и спротивно на прописите вратени во неговата татковина Ирак, беше ликвидиран од американските специјалци во посебна операција во Сирија во 2019 година. Неговиот наследник Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Кураши.во февруари годинава беше убиен во друга операција на американските специјалци во северозападна Сирија.