Исламската милиција уапсила маж кој се нудел себеси на наддавање во Нигерија

Исламска милиција во Нигерија уапсила маж кој имал намера да се понуди себеси на аукција за да се извлече од сиромаштијата, објавија локалните власти.

Алију Идриз, 26-годишен шивач, уапсен е откако на социјалните мрежи станале вирални негови фотографии со натписот околу вратот дека е расположен да се продаде себеси на наддавање со почетна цена од 20 милиони наири, односно 42.000 евра.

Северната нигериска сојузна држава Кано е една од десеттината сојузни држави со муслиманско мнозинство во коишто се применува шеријатскиот закон покрај државните закони наследени од британското колонијално владеење.

„Го уапсивме бидејќи самиот себе се понудил на продажба, што е незаконски според исламскиот закон“, објаснил Лавал Ибрахим Фаге, портпарол на исламската милиција за заштита на моралот.

Тој ги отфрлил оправдувањата за сиромаштија и непознавањето на законите од страна на младиот шивач,

Момчето минатата седмица се шетало со натписот околу вратот, и низ градот го снимиле случајни минувачи кои фотографиите ги објавиле на социјалните мрежи. На новинарите им објаснил дека решил да се продаде себеси за да се извлече од „неподносливата сиромаштија“, а половината од парите би ги дал на родителите.

Во понудата ветувал дека ќе му биде „покорен слуга“ на оној којшто ќе го купи. Верската полиција не покренала никаква судска постапка против Идриз.

Нигерија, со малку над 200 милиони жители речиси по половина поделена меѓу муслиманите и христијаните, е најголемиот производител на нафта во Африка и меѓу водечките во светот. Меѓутоа, поткопувана од џихадистичките бунтови и бројните банди кои сеат терор со масовни грабнувања поради откупи, е силно погодена од пандемијата на коронавирусот и мерките на затворање што наштетија на цените на сировата нафта на светските пазари.