Исламските милитанти во Мали убиле 15 војници

Во два одвоени напада на исламските милитанти на југозападот на Мали убиени се 15 војници и три цивила, додека во борбите војската убија 48 џихадистички борци.

Најжестоките борби се воделе во воениот камп во Синколу, рурална општина во регионот Сегу околу 300 километри оддалечена од Бамако, главниот град на Мали. Во тие борби загинале шест војници а уште 25 други се ранети, објави тамошната војска истакнувајќи дека исламистите претрпеле големи загуби во оваа битка со 48 мртви.

Вториот напад на исламистите, за кој медиумите известуваат дека е поврзан со терористичките џихадистички организации Ал Каеда и Исламска држава, се случи во градот Калумби каде биле убиени девет војници.

Властите известуваат и за други напади ширум земјата, коишто според неа војската ги одбила без жртви. Пред неколку дена исламистите изведоа комбинирани напади во близина на главниот град Бамако, каде дојдоа најблиску во текот на последните неколку години.