Исмет Гури се предаде во полиција, поранешниот заменик директор на УЈП веќе е во затвор

Исмет Гури од ДУИ, по кого беше распишана меѓународна потерница, денеска самиот се пријавил во полиција и веќе е во затвор, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Гури, заедно со Ејупи Алими, беше опфатен во предметот „Титаник 3“ за уништување на изборен материјал на локалните избори во 2013 година, а обвинението беше отворено во 2017 година од поранешното СЈО.

Екс заменикот директор на Управата за јавни приходи најпрво доби затворски притвор кој подоцна му беше заменет со куќен, поради здравствени проблеми.

Против него беше распишана меѓународна потерница, бидејќи избега од куќен притвор на почетокот на оваа година, откако не бил пронајден на адресата на која требало да ја издржува мерката.

Тој лани беше уапсен заедно со 15 лица меѓу кои и бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи, под сомневање за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и кражба на 840 илјади евра од дирекцијата каде што работел.

Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити од партијата, тој се придружи на Демократско движење кое сега е дел од коалицијата ВРЕДИ.