Исплатени се 26 милиони евра за 15.753 производители на тутун, информира денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски, додавајќи дека вкупната вредност на откупениот тутун во 2022 година достигнала шест милијарди денари и во целост се исплатени сите тутунари од сите откупни претпријатија.
– Ова е доказ дека Законот за тутун, за регулирање на договорното производство во 2018 година, денеска резултира со ниту еден денар долг, кон ниту еден тутунар, од ниту една откупна компанија, посочи министерот.
Тој рече дека минатата година била испишана историја и во однос на цена и во однос на количеството на откупен тутун.
– Првпат тутунот достигна рекордна цена од 290 денари, а само пред неколку години таа изнесуваше 117 денари. Ова зголемување е околу 50 проценти на откупната цена во 2022 во однос од 2021 и за 300 проценти од пред неколку години, истакна Николовски.
– Имавме година и со одличен квалитет на тутун, што исто така е резултат на развојниот модел на субвенции, којшто храбро го донесовме 2018 година. Тоа придонесе 80 проценти од тутунот од реколтата од 2022 година да биде произведен по квалитет од прва класа. Тоа е историски успех и за тутунопроизводителите, посочи Николовски.
Тој соопшти дека во 2022 година воедно била зголемена и површината со засаден тутун.
– Тутунот во реколтата 2022 е засаден на површина од 13.237 хектари, што претставува зголемување на површините за 11 проценти, односно на 1.453 нови хектари со тутун. Тоа зборува за мотивот преку овој модел на субвенционирање и за зголемување на производството и за зголемување на површините и за производство на квалитетен тутун. Тоа придонесе и за зголемување на договорното производство за околу 8 проценти, односно имаме 1.780 нови договори во 2022 во споредба со 2021 година, изјави министерот.
Висината на директните плаќања изнесувала 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун, 70 денари во втора класа и 60 денари за трета класа од реколтата 2022 година.
На прес-конференцијата Николовски воедно информира дека ИПАРД 3 програмата ќе стартува од следната недела.