Исплатени 77,6 милиони денари субвенции за градинарски култури

Министерството за финансии исплати 77,6 милиони денари субвенции на 5.501 земјоделец за одгледување градинарски култури. 

Финансиската поддршка изнесува од 25 илјади до 30 илјади денари по хектар, во зависност од градинарската култура која се одгледува.

Исплатени се субвенции на земјоделци кои одгледуваат домат, пиперка, краставица, тиква, кромид, брокула, лук, лубеница, зелка, тиквичка и останати градинарски култури низ цела територија на Република Македонија.

Владата со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна во поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство.