Исплатени се над 180 милиони денари кон 5.047 корисници кои што имаат произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко

Денеска преку министерството за финансии се исплатени над 180 милиони денари кон 5.047 земјоделци, корисници кои што имаат произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во изјава.

Министерот додаде дека исплатата се однесува за месеците мај, јуни и јули 2023-тата година, и е само мал дел од она што ќе следи како исплата во наредниот период.

-Жалам што овие субвенции не биле досега исплатени, меѓутоа како нова Влада, Министерство, Министерство за финансии правиме сериозен напор и веќе покажуваме на дело како треба вистински да се грижи Министерството и државата кон земјоделците, нагласи министерот.

Тој додаде дека по ребалансот на Буџетот следува доисплата на останатите субвенции.

-Упатувам апел земјоделците да бидат спокојни дека овојпат има кој да се грижи за нивната мака и да го вреднува нивниот труд, порача Трипуновски.