Општина Центар го почна проектот „Исправи се“ со кој 1.111 ученици од прво и второ одделение од сите седум основни општински училишта во Центар ќе бидат прегледани од стручни лекарски тимови за навремено дијагностицирање на какви било деформитети кај децата.
Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски истакна дека општина Центар се грижи за своите најмлади жители и за нивниот здрав раст и развој.
– Го почнуваме овој пилот-проект со учениците од прво и второ одделение, но ги повикуваме и родителите и наставниците по физичко и здравствено образование да пријават доколку и кај деца од повисоките одделенија забележат неправилно држење на телото или деформитет, рече Жерновски.
Проектот почна кај децата во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ и продолжува во сите основни училишта во Центар. Се прават дијагностички превентивни прегледи на ’рбетниот столб и на долните екстремитети за дијагностицирање на какви било неправилности, со што ќе може побрзо да се дејствува за нивно коригирање и отстранување.
Проектот „Исправи се“ општина Центар го реализира во соработка со ординацијата за физикална медицина и рехабилитација „Твое здравје“, а секој родител ќе добие извештај за наодите на своето дете.