Цигарата што не ја допушил британскиот премиер Винстон Черчил во текот на неговото патување во француската престолнина Париз во 1947 година, продадена е за 12.000 американски долари на онлајн наддавање.
Аукциската куќа RR Auction од Бостон објави дека цигарата долга десетина сантиметри е купена за споменатата сума во средата вечерта, а нејзин нов сопственик е колекционер од Палм Бич на Флорида, чиј идентитет не е објавен.
Легендарниот британски премиер Винстон Черчил оваа цигара (пура) ја пушел на 11-ти мај 1947 година на аеродромот „Ле Бурже“. Со цигарата била приложена фотографија која ја потпишал Черчил на којашто е тој со цигарата в рака на парискиот аеродром.
Аукциската куќа во понудата наведе дека припадникот на британското воздухопловство Вилијам Алан Тарнер ја задржал цигарата откако неговиот екипаж ги превезол Черчил и неговата сопруга до Париз и назад до Лондон.
Цигарата е од познатата кубанска марка „La Corona“ и има етикета со името на Черчил.