Испуштањето на водата од нуклеарката Фукушима треба да започне во четврток

Испуштањето на радиоактивната обработена вода од оштетената нуклеарна централа Фукушима Даичи, на североистокот од Јапонија, во Тихиот Океан треба да започне во четврток „доколку тоа го дозволат временските услови“, изјави во вторникот јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Планот на почетокот од јули го одобри Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA) и Токио тврди дека дека тоа нема да ја загрози природната средина и човековото здравје. Меѓутоа, ова операција, којашто ќе потрае со децении, поттикнува голема загриженост и критики, особено од Кина.

Токио планира постепено да испушти од Фукушима во Тихиот Океан повеќе од 1,3 милиони тони, доволно да се наполнат 500 олимписки базени, води од дождови, подземни води и вода за разледување на реакторите во коишто започна фузија по разорниот земјотрес и цунамито од март 2011 година. Моментално тие води се складирани во огромни резервоари во нуклеарната централа Даичи во Фукушима со трошоци од речиси милијарда американски долари годишно.

Оваа вода претходно е обработена за од неа да се остранат радиактивните материи, освен тритиумот, кој не може да се издвои со постојната технологија. Но стручњаци кои го поддржуваат испуштањето на водата тврдат дека само високи концентрации на тритиумот се штетни за здравјето.

Контаминираната вода е третирана со ALPS методата низ систем за филтрација која наводно отстранила поголем дел од радиоактивниот материјал. Меѓутоа, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиокативниот изотоп на водородот. Радијацијата на тритиумот, кој има време на полураспаѓање од 12,3 години, може да биде опасна по здравјето, но Јапонија тврди дека во испуштената вода од Фукушима радиоактивните дози ќе бидат помали од 40-от дел од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количеството коешто Светската здравствена организација (СЗО – WHO) го постави како стандард за водата за пиење.

Операторот со нуклеарката Фукушима, компанијата TEPCO, планира испуштањето на водата во океанот да се протегне до почетокот на 2050 година, бидејќи најголемото количество кое може да го испуштаат на ден е 500.000 литри вода, со разредување за степенот на радиоактивност на водата со тритиумот да се намали значително под националните норми за оваа категорија.

 

Страв за угледот на производот

Јапонија тврди дека оваа операција на ниеден начин не може да ја загрози морската средина и човековото здравје. Такво мислење има и МААЕ, која во јули даде одобрување, потпирајќи се на процената на штетноста којашто ја дале 11 стручњаци, меѓу кои од Јужна Кореја, САД и Кина која сепак е сомничава во целосната безбедноста на третираната радиоактивна вода.

Јапонската рибарска индустрија, сепак, стравува од полоши последици по улгедот на своите производи меѓу јапонските и странските потрошувачи.

„Нашиот став е непроменет, и натаму се противиме на испуштањето“, изјави во понеделникот претставникот на јапонската рибарска индустрија Масанобу Сакамото по средбата со премиерот Фумио Кишида.

Јужна Кореја главно ги симна забраните за увоз на јапонски морски продукти, но Кина како најголем увозник, сѐ уште применува строги прописи.

„Му реков (на Кишида) дека научната сигурност (на продуктите) не мора нужно да соодветстува на чувството на безедност во општеството. Стравуваме дека ќе биде нарушен угледот на нашите производи кога ќе започне испуштањето“, додаде Сакамото.

Кишида кој во неделата ја посети нуклеарката во Фукушима, потсети дека за рибарите е осигурана помош од 190 милиони евра за да можат да се справат со негативните последици по угледот на нивните производи.

Кина особено жестоко го критикуваше ваквиот јапонски проект. Пекинг во јули го забрани увозот на храна од десет јапонски префекури, вклучително и од префектурата Фукушима, и воведе испитувања на радиоактивноста на производите од остатокот на Јапонија.

Токио го обвинува Пекин дека ја „искористува“ ситуацијата

Уште во јули кинескиот стручњак кој учествуваше во процената за радиоактивноста изјави дека е разочаран од „избрзаниот“ извештај на МААЕ, како и дека треба да се очекува дека Пекинг и натаму ќе се спротиставува на овој план.

Сега Јапонија најави дека ќе бара укинување на трговските ограничувања со изнесување на „научни докази“, истакна во вторникот премиерот Кишида.

Воедно повторно најави мерки за помош за јапонското рибарство со коишто ќе се поттикнува домашното производство и потрошувачка и ќе се наоѓаат нови пазари за нивните продукти.

Кинеското стравување поради радиоактивноста на водите од Фукушима можеби е искрено, но остриот тон можеби може да се протолкува и како геополитичка и економска тензија меѓу Пекинг и Токио, оценува Џејмс Бреди аналитичар во истражувачкиот институт Тенеу.

Поради „повеќедимензионалноста на карактерот“ на проблемот во врска со водата од Фукушима, „Пекинг може да ја искористи“ на повеќе начини, вели Бреди во разговорот за AFP.

Аналитичарот притоа не ја споменува неодамнешната заедничка изјави на Јапонија, САД и Јужна Кореја кои промовираат поцврст регионален воен блок истакнувајќи ја токму Кина како закана за мирот и безбедноста.

Кина, така, може да се обиде да ги „продлабочи“ внатрешните поделби во Јапонија по оваа тема, да направи „одреден притисок“ врз јапонската надворешна трговија, па и да се обиде да го попречи затоплувањето на односите меѓу Токио и Сеул, смета Бреди.

И во Јужна Кореја се загрижени, иако владата во Сеул на почетокот од јули, во настојувањата да ги поправи односите со Токио на што инсистира Вашингтон, објави дека планот на Јапонија да испушти наводно прочистени радиоактивни води од нуклеарната централа во Фукушима ги задоволувала глобалните безбедносни стандарди и дека е во согласност со надзорното тело на Обединетите нации кое го одобрило.

Од друга страја, јужнокорејската опозиција ја критикуваше владата во Сеул поради согласноста со јапонскиот план и смета дека овој случај треба да се изнесе пред Меѓународниот суд за правото на морињата.