-Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее. Месец и пол во политиката е долг период во кој може да се направат и големи работи. Меѓутоа, на крајот со име и презиме ќе ги кажеме тие што ќе ја прокоцкаат оваа историска шанса и кои ќе бидат причина за сите последици што ќе ги има оваа држава поради таа пропуштена можност, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.
Во одговор на новинарско прашање, Османи рече дека почетокот на преговорите е најтешкиот процес и дека тој нема да престане да работи „до последната секунда“, бидејќи „ние немаме алтернатива“.
-И затоа, секој што мисли на луѓето, не смее да престане да верува и да се обидува да го отвори тој процес којшто е без алтернатива за сите нас. Но, понекогаш се чувствуваме како Дон Кихот и се бориме против сите неправедности кои се обидуваат да ја кочат државата, рече Османи по промовирањето пригодна поштенска марка по повод претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.
На прашањето дали очекува поместувања во ставовите на опозицијата, рече дека однесувањето на опозицијата е да мисли само на наредните избори и, како што рече, „додека ни се загрозува иднината, ние сме целосно посветени кој ќе биде министер и кој ќе биде премиер“.
Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја прокоцкуваат оваа историска шанса пред која се наоѓаме. Но, ние ќе се бориме до крај за да успееме да направиме исчекор, рече шефот на дипломатијата.
Во однос на очекувањата од Самитот лидерите на Европската Унија за Западен Балкан во декември, претседателот на државата Стево Пендаровски денеска изјави дека е „јасно дека не може да има позитивна одлука за нас“ поради „тврдиот став на опозицијата.