Историската комисија договорила заедничко чествување на Цар Самоил

Има напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, изјавија дел од бугарските историчари пред денешната рунда разговори со нивните македонски колеги во Скопје.

– Состанокот досега поминува добро. Сѐ уште не сме ја завршиле работата, но засега е добро. Има чекори напред, одговорија кусо членови на бугарскиот дел од комисијата пред денешната средба, којашто е втора од предвидените пет за оваа година.

Копретседавачот на бугарскиот дел на Комисијата Ангел Димитров, прашан дали имало напредок на вчерашниот состанок, не даде детали.

–Кога ќе стигнеме до крајот, тогаш ќе ви кажеме. Сега не. Има чекори напред, тоа може да се утврди, одговори кусо Димитров.

Тие потврдија и дека темата за Цар Самоил е завршена работа и оти е договорено негово заедничко чествување, додека пак, темата за Гоце Делчев се уште не е на дневен ред и за неа ќе се расправа само доколку се најде време на денешниот ден од состанокот.

По денешната средба историчарите ќе информираат за кои други историски личности е постигнат напредок.

Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија, Драги Ѓоргиев во вторникот за МИА изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколу остане време.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера го повтори ставот дека очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати.

– Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, дека кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси, рече Петков пред новинарите за време на посетата на Благоевград.