Историското лансирање на приватната мисија „Polaris Dawn“ на компанијата „SpaceX“ е одложено поради „неповолните временски услови“ над Флорида, соопшти компанијата.
Мисијата „Polaris Dawn“ е чисто комерцијална мисија финансирана од американскиот претприемач милијардер Џаред Ајзекман, а требаше да биде лансирана во среда или четврток. Во мисијата оди цивилен екипаж од четворица, кој ќе изведе смела вселенска прошетка.
Меѓѕтоа, „SpaceX“ соопшти дека лансирањето било одложено поради лошата временска прогноза за зоната на паѓање на капсулата кај Флорида.
„Polaris Dawn е предизвикувачка мисија со критични цели, така што ќе ја чекаме најдобрата можност за да обезбедиме успех. Понекогаш најтешките патувања бараат најмногу трпение, а ние сме подготвени да го чекаме вистинскиот момент“, напиша на X во средата Ајзакман, кој исто така е капетан на мисијата.
Не е даден нов датум за лансирање.
Мисијата е заеднички проект на Ајзакман, основачот на технолошката компанија „Shift4 Payments“ и „SpaceX“ на милијардерот Илон Маск.
Планирано е да трае најмногу пет дена и четворицата членови на екипажот да патуваат дури 1.400 километри од Земјата во капсулата „Dragon“ на „SpaceX“ по лансирањето со ракетата „Falcon 9“ од вселенскиот центар Кејп Канаверал.
Заедно со Ајзакман, во капсулата ќе бидат и тројца приватно обучени астронаути – Кид Потет, Сара Гилис и Ана Менон. Мисијата вклучува и вселенска прошетка за време на која ќе се тестираат вселенски костуми дизајнирани од „SpaceX“. Тоа ќе биде првата комерцијална вселенска прошетка.