Германските конзервативни пратеници со поддршка на крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), во средата, го прифатија предлогот на опозициската Унија на Христијанско-демократската унија (CDU) и Христијанско-социјалната унија (CSU) за заострување на миграциската политика, што предизвика бурни реакции кај другите партии во парламентот.
Планот од пет точки предвидува забрана за влез во Германија без валидни патни документи и за оние кои имаат намера да бараат азил.
Покрај претставниците на опозициската CDU/CSU и Либерално-демократската партија (FDP) којa ја напуштија трипартитната влада на канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемокртската партија (SDP) и Зелените, предлог-законот го поддржаа и претставници на евроскептичната сувренистичка противдоселеничка AfD, што и беше очекувано, а кандидатот за канцелар на демохристијаните Фридрих Мерц е критикуван поради тоа што досега ја отфрлаше соработката со крајната десница.
„Унијата CDU/SCU свесно ги напушти редовите на политичките партии на центарот. Нејзиниот претседател Фридрих Мерц лековерно, но и целосно свесно ја зеде предвид поддршката на AfD“, критикуваше Ролф Муетцених, претседател на пратеничката група на владејачката SPD, по гласањето во парламентот.
Дали „огноѕидот“ пука?
Христијанско-демократската унија досега инсистираше на таканаречена политика на „огноѕидот“ или „противпожарниот ѕид“, кој треба да ја држи AfD изолирана од носењето политички одлуки, што значи дека ја отфрли соработката на федерално ниво.
Мерц изрази жалење што прифаќањето на барањето за ограничување на нерегулираната миграција дојде со помош на гласовите на AFD, чии делови Бирото за заштита на уставниот поредок ги смета за радикално десничарски и ги прислушува и следи по инсистирање на етаблираните партии и медиумската хајка во која дури се бара и забрана за дејствувањето на партијата која последните години се профилираше како втора политичка сила во земјата по демохристијаните.
„Никој не може да ѝ го одземе правото на мојата партија да поставува барања во Бундестагот што ги смета за исправни“, рече Мерц, кој во петок треба да ги претстави новите мерки за ограничување на миграцијата.
Нарушен консензус
Социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц му рече на Мерц дека прави „сериозна грешка“ со отворањето на АфД за соработка.
„Со своите постапки Мерц го наруши фундаменталниот консензус на нашата република, а тоа е одбивањето да соработува со екстремистичките партии“, рече Шолц.
Социјалдеморкатите и Зелените, кои ја формираат пропадмната малцинска влада, ги отфрлаат барањата на демохристијаните со образложение дека се неуставни бидејќи го негираат правото на азил.
„Историски момент“
AfD гласањето за барањето на Унијата го нарече „историски момент“ во Бундестагот.
„Како и другите европски земји, така и Германија засекогаш го означува крајот на владеењето на црвено-зелените… сега почнува нешто ново и под наше водство“, изјави лидерот на парламентарната група на AfD, Бернд Бауман.
Ден по смртоносниот напад во градот Ашафенбург минатата седмица, Мерц повика на итно воведување мерки кои драстично ќе ја ограничат нерегулираната миграција и ќе овозможат масовни депортации на мигранти без правна основа да останат во Германија.
Во нападот во Ашафенбург, еден од серијата од ваков вид, Авганистанец на кој повеќе не му било дозволено да престојува во Германија, нападна група деца со нож, убивајќи едно дете и маж кој дошол на помош, а тешко ранувајќи уште едно дете и маж.
Во февруари во Германија ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Според последните анкети поддршката за CDU/CSU паднала за три процентни поени на 28 отсто неколку дена откако Мерц вети дека ќе ја ограничи миграцијата, според анкетата објавена од компанијата Fors во вторникот. SPD на Шолц ужива 17 отсто поддршка откако доби два процентни поени повеќе, како и AfD, која во моментов ги има гласовите на 21 отсто од Германците, а Зелените имаат околу 15-процентна поддршка.